Родителот, понесен од секојдневните обврски и решавање на краткорочни цели со своето дете, често пати заборава на решавање на долгорочните цели, размислува реактивно, односно проблемите ги решава кога ќе се појават. На таков начин родителот ги решава секојдневните проблеми или цели со детето, како на пример, како да врзе врвки на чевлите, како подобро да ги измие забите, без да размислува и да има време однапред да предвиди и други можни проблеми и нив да ги пресретне, како на пример, како да разликува добро од лошо, да се почитува себеси и другите, како да преземе одговорност за своите постапки, да биде ненасилно и др. Но кога проблемите ќе се појават, потешки се за решавање, бараат големо вложување, време за надминување, при што ефектот е неизвесен.
Позитивниот родител е проактивен и не дозволува проблемите да се случат, туку прави сè за да ги пресретне, предвиди и оневозможи во самиот зачеток, пред да станат извор на конфликт или криза. Проблемите ги решава додека се мали и не дозволува да се зголемат и да заземат димензии врз кои нема контрола.
Добар пример за тоа кој родител е реактивен, а кој проактивен е споредбата со функционирање на капетан на брод. Капетан кој е реактивна личност ќе го управува бродот и ќе плови следејќи ги морските струи. Ако струите му одат во прилог, капетанот ќе биде среќен, во спротивно, тој е во стрес и никако нема да ги проучува струите за да предвиди каде ќе го однесат бродот. Од друга страна, проактивен капетан ќе го насочува бродот таму каде што сака. Ќе ги проучува морските струи, некогаш ќе плови во согласност со струите, некогаш против нив, но струите нема да имаат моќ за да ја одредат неговата конечна дестинација, тоа е избор на капетанот.
Пример за користење на проактивен јазик е: јас сакам…, повеќе сакам да…, избирам да …, ајде да ги согледаме другите можности…, може да изберам поинаков пристап… и сл.
Родител кој е проактивен ги става во преден план учењето на родителството и градењето позитивни релации со детето. Тоа се обезбедува преку поголемо вклучување на родителот во животот на детето и тоа преку заедничко време поминато во разговор, игра, можност детето да ги изрази своите чувства. На тој начин, родителот го запознава своето дете, а тоа е предуслов за позитивно дисциплинирање. Потребно е родителот да знае што го прави детето среќно, што го лути, на што се плаши и реагира, што го смирува. И секако тоа не е важно само на мала возраст, туку во текот на целото детство. Треба да се користи секој момент времето со детето да се поминува квалитетно и да се користи за негово подобро запознавање. Во автомобил, пред ТВ, додека разговара со своите пријатели или други возрасни лица.
Важно е родителот да е отворен за примање и препознавање на информациите што ги добива од своето дете, без разлика дали се тие вербални или невербални, всушност, сето она што го вклучува позитивното родителство. На тој начин, родителот добива увид во однесувањето на детето, во начините како тоа се справува со препреките, како ги прави изборите. Тоа му дава можност да заземе проактивна позиција на предвидување на евентуалните проблеми, да планира и контролирано и успешно да се справува со ситуациското однесување на детето.

Please follow and like us:

Leave a Comment