Емоционалното поврзување е примарна потреба која се јавува уште при самото раѓање на детето. Врската што се формира помеѓу детето и првото возрасно лице (најчесто тоа е родителот) е одговорна за градење на идните релации и односи на детето со околината. Исто така, оваа врска е важна и за развивање на способноста на детето за сопствените чувства и развивање на способноста за избегнување и справување со незгоди.
Прво, детето се поврзува со своето потесно семејство, а потоа оваа врска се проширува со пошироката заедница. Тоа е така бидејќи родителот е првиот контакт на детето со опкружувањето, кој реагира на плачот на детето, го зема в раце, го гушка, го теши. Како што детето расте, родителот е тој што најдолго и најмногу се грижи за детето, игра со него, го насочува, го подучува.
Врз детската емотивна приврзаност кон родителот, влијае како однесувањето на родителите поединечно кон детето, така и нивниот заемен однос. Кога ќе се постигне сигурна приврзаност, детето се чувствува безбедно, способно е за одвојување од родителот, бара утеха во него кога е исплашено, а враќањето на родителот по отсуство предизвикува позитивни емоции кај детето.
Потребно е прво родителот да се поврзе со детето, а потоа да гради позитивно родителство и да поставува граници. Ако оваа врска не е воспоставена на примарно ниво, детето што не успева да развие поврзаност во раните години подоцна во животот често има проблеми во однесувањето и социјалните контакти.

Please follow and like us:

Leave a Comment