Промовирање и развивање знаења и вештини за позитивно родителство, со цел обезбедување на услови за благосостојба на детето и заштита од занемарување и насилство врз детето.

Посебни цели на програмата:

обезбедување услови за остварување на детските права;
запознавање на родителот/ите со можностите, потребите, промените, спецификите и ограничувањата на детето низ развојните фази во процесот на растење и развивање, а со цел подобро да го разберат;
развивање знаења, вештини и компетенции на родителот/ите во услови на современо живеење;
развивање позитивно родителски знаења и вештини за разрешување на проблематични ситуации, конфликтни состојби и предизвици во текот на растењето и развојот на детето;
поттикнување на позитивно родителство во посебни услови и сиромаштија.

Принципи на позитивното родителство

Програмата „Фер родител – фер дете“ се базира врз петте принципи на позитивното родителство: приврзаност, почитување, проактивно родителство, водство со емпатија и позитивна дисциплина. Овие пет принципи меѓусебно се преплетуваат, градејќи силна врска помеѓу родителот и детето, позиционирајќи го родителот како успешен водач во неговиот раст и развој.

1. Принцип на приврзаност

Според теоријата на приврзаност воведена од англискиот психијатар Џон Боулби (John Bowlby) и американскиот психолог Мери Ејнсворт (Mary Ainsworth), врската (приврзувањето) што се формира помеѓу детето и првото возрасно лице (родителот) кое се грижи за него е одговорна за:
начинот на кој ќе ги градиме нашите идни односи и релации;
јакнење или намалување на нашата способност да бидеме фокусирани, свесни за сопствените чувства и како да останеме присебни, прибрани;
развивање на нашата способност за надминување на личните неуспеси, како и животните незгоди и несреќи.

Децата се цврсто врзани за приврзувањето на биохемиско ниво. На почетокот ова приврзување е со потесното семејство, а подоцна со пошироката заедница. Ако поврзувањето го нема, тогаш мозокот нема да може да се развие онака како што би требало да биде.
Кога ќе се постигне сигурна приврзаност, детето се чувствува безбедно. Истражувањата покажуваат дека деца што не успеваат да развијат безбедно приврзување во раните детски години често подоцна имаат проблеми во релациите, социјалните контакти и однесувањето.
Доследно обезбедување емоционална приврзаност и топлина на детето од страна на родителот е темел за развој на сигурна, стабилна и емоционална топла врска со родителот. Оваа врска овозможува детето да се чувствува вредно и прифатено.

2. Принцип на почитување

Децата, како човечки суштества, заслужуваат еднаквo внимание како и возрасните. Со нив е потребно да се постапува внимателно, човечно и цивилизирано, на начин како што се постапува и со другите луѓе.
Истражувањата покажуваат дека кај децата што добиваат адекватна љубов и имаат грижлив родител повеќе ќе се развие делот од мозокот (хипокампусот) кој е одговорен за меморијата, учењето и справувањето со стресот. Значи, кога родителот е грижлив и позитивен, тогаш тој го уважува мозокот на детето.
Кога родителот не го удира или не користи физичка казна при воспитувањето, тогаш тој покажува почит како кон телото, така и кон достоинството и личноста на детето.
Кога родителот му дава простор, му обезбедува услови да истражува и да се развива според сопствено темпо, тогаш тој ја почитува индивидуалноста, односно личноста на детето. Почитувајќи го детскиот интелект, родителот покажува дека секое дете е оригинално, единствено и почитувано.

3. Принцип на проактивно родителство

Проактивниот родител обрнува внимание на потенцијалното проблематично однесување на детето, уште при првиот знак пред тоа да прерасне во сериозен проблем. Родителот кој однапред учи и дополнително вложува време во градење на релации со сопственото дете превенира многу проблеми кои би можеле да се појават како последица на незнаење, неумеење и исклученост.
Проактивното родителство исто така значи дека родителот повеќе одговара отколку што реагира на однесувањето на детето. Ова подразбира дека одговорите на родителот се адекватни на детските потреби и однапред се испланирани, а не претставуваат само реакција на моментното однесување на детето.
Реактивниот родител е импулсивен, додека пак проактивниот родител ги контролира сопствените реакции и однесување. Проактивниот родител однапред планира како да реагира во одредена ситуација. Неговите реакции се контролирани и се во согласност со развојните потреби на детето, што му овозможува успешно справување со проблемите во зависност од ситуацијата.

4. Принцип на водство со емпатија

Емпатичниот родител ги  разбира потребите на детето и му помага тоа да се чувствува сакано, слушнато и разбрано. Притоа родителот истовремено се држи до воспоставените граници и правила.
Однесувањето на родителот спрема детето одговара на детската потреба за љубов, емоционална топлина, сигурност, припадност, поврзаност и прифаќање. На детето му е потребна грижата од страна на родителот како сигурна база од која ќе може да го истражува светот и во која ќе може да се врати кога ќе почувствува замор, тага, страв или некоја непријатна состојба или емоција.
Емпатичен не значи и попустлив родител, бидејќи емпатичниот сè уште има водечка улога во односот родител – дете. Всушност, голема штета би било за детето да не постои компетентен лидер, кој ќе го води низ патувањето во големиот, нов и непознат свет. Овој компетентен лидер е токму емпатичниот родител.

5. Принцип на позитивнa дисциплина

Дисциплината се разликува од казната. Преку казнувањето кај детето се предизвикува непријатност, болка или страдање, кои како искуство можеби ќе го натераат во иднина да го избегнува своето непосакувано однесување, а само со една единствена цел, да не се повтори казната.
Целта на позитивната дисциплина е да го научи детето како да ги контролира импулсите и однесувањето, учи нови вештини како да ги поправи грешките и да најде нови решенија.
Многу денешни „родителски методи“ се фокусирани само на тоа како да се дисциплинира детето. Филозофијата на позитивното родителство оди подалеку од дисциплинирањето. Доколку за дисциплинирањето се важни постапките и однесувањето на детето, дотолку позитивното родителство го нагласува целокупното искуство кое родителите му го овозможуваат на детето преку заедничкото живеење.
На детето не се влијае само кога го опоменуваат и коригираат, туку и низ многу други секојдневни моменти и настани исполнети со солзи и смеа, успеси и неуспеси, поттикнување и обесхрабрување, прифаќање и одбивање, одвојување и повторно поврзување и сл.

Please follow and like us:

Leave a Comment