Училиштето и неговата улога

Во овој период, детето тргнува на училиште, што претставува голема промена во животот на детето и родителот. Се менуваат содржината и организацијата на секојдневниот живот. Училиштето и врсниците стануваат доминантни и имаат нагласена улога во развојот на детето, со што се менува и неговиот свет.
Со поаѓање на училиште, детето ќе треба да научи да:
се снаоѓа само без родителот;
воспостави контакт и релации со други непознати деца/лица;
воспостави нови навики;
се придржува на нови правила и граници.
Какви ќе бидат првите искуства на детето со училиштето, такво ќе биде и влијанието врз градењето на неговиот став кон училиштето.

Темпераментот на детето и новите предизвици во училиштето

При приспособување на новите предизвици што ги носат училиштето и училишниот живот, голема улога игра темпераментот на детето, како и подготвеноста на родителот да одговори на него.
Различниот темперамент е тоа што ги прави децата различни во приспособување на новините што ги носи училиштето.
Темпераментот е вроден, неможе да се промени и во голема мера определува какво ќе биде детето. Неможе да се каже дека постои лош или добар темперамент, постојат само различни темпераменти и секој има свои предности и недостатоци.

Девет обележја на темпераментот кои го прават детето единствено, посебно и различно од другите

Степен на активност
детето е поподвижно, постојано активно и во движење, скока, трча или се качува;
детето е помалку активно, побавно, постатично, сака да гледа сликовници, да бои, црта и сл. ;
детето е некаде на средина од гореопишаните деца.

Склоност за редовност и ритмичност
детето е склоно да се буди, да јаде или да се одмoра по утврден ритам;
детето има променлив или му недостасува ритам во секојдневните навики и секој ден му е различен;
детето е некаде на средина од гореопишаните деца.

Склоност да пристапи или да се повлекува во односот со други лица
детето е отворено и подготвено да се дружи со животни и луѓе од опкружувањето, дури и кога прв пат се среќава со нив;
детето се трга и повеќе сака да набљудува отстрана или потполно да се повлече од контакт;
детето е некаде на средина од гореопишаните деца.

Приспособливост на различно опкружување
детето лесно се приспособува на промените, удобно спие, весело си игра и добро се чувствува во ново опкружување;
детето има потреба од повеќе време за да се навикне на промените, не сака промени од кој било вид и има големи тешкотии во преодниот период(на пр. кога доаѓа или си оди од училиште);
детето е некаде на средина од гореопишаните деца.

Интензитет, јачина на реакциите
детето силно и гласно реагира, дури и на ситни случувања и настани.Тешко можеме да погодиме како се чувствува и што мисли;
детето е посмирено и помалку интензивно реагира, дури и кога е вознемирено. Можно е толку многу да се повлече, така што воопшто да не може да се препознае дека е вознемирено;
детето е некаде на средина од гореопишаните деца.

Осетливост на околината
детето е свртено кон себе, не гледа наоколу, не слуша наоколу и не придава толкава важност на она што се случува околу него;
детето како да реагира на сè што ќе види околу себе;
детето е некаде на средина од гореопишаните деца.

Општо расположение
детето е родено со склоност да биде повесело од другите деца;
детето по природа е потажно и попесимистично;
детето е некаде на средина од гореопишаните деца.

Распон на внимание и концентрација
детето уште на рана возраст ќе расклопи некоја играчка, а потоа со часови ќе ја склопува, има голем распон на внимание и голема способност за концентрација;
детето лесно може да го напушти, да го прекине тоа што претходно го правело и да започне да се занимава со нешто друго;
детето е некаде на средина од гореопишаните деца.

Начин на интеракција со другите
детето сака да „шефува“ и да ги држи работите под контрола;
детето повеќе сака да го следи „водачот“;
детето е некаде на средина од гореопишаните деца.

Доколку во однос на деветте димензии на темпераментот, родителот е свесен за тоа какво е неговото дете, дотолку тој ќе има поголем увид во способностите на сопственото дете. Така родителот полесно ќе дојде до заклучок каде и во кои области на детето му е потребна помош. Со конкретната помош детето полесно ќе може да развие здрави релации со другите и да живее продуктивен живот во границите на својот темперамент.
Карактеристиките на темпераментот на детето влијаат и врз неговата подготвеност да почне да оди во училиште. Затоа е важно родителот да го земе предвид темпераментот на детето, да ја почитува, цени и негува неговата индивидуалност, различност, посебност.
Врз однесувањето на детето влијае и темпераментот на родителот, како и тоа колку нивните темпераменти се согласуваат меѓусебно. Доколку родителот ја увиди различноста во темпераментите, дотолку полесно ќе ги разбере причините за многу семејни несогласувања. Ова укажува дека детето е личност за себе, исто како што е и родителот. Темпераментите едноставно не можат да се променат, потребно е да се прифатат и да се почитуваат разликите помеѓу детето и родителот.

Интеракција со врсниците и независност

Со поаѓање на училиште, детето добива и поголема автономија, самостојност. Излегува само, станува одговорно за своето поведение и однесување.
Времето поминато надвор од семејниот дом се зголемува, а детето е во постојана интеракција со врсниците. Тоа пројавува сè поголем интерес за другарување и пријателство. Секое поведение и однесување на детето истовремено се одговор, но и предизвикување за однесувањето на другите.
Детето создава двојни врски во комуникацијата со другите, кои можат да бидат придружени со позитивни или негативни чувства. Овие чувства за детето се информација како другите гледаат на исти работи. Детето учи за тоа како другите размислуваат, како се однесуваат, учи за различностите. Новите влијанија ги зголемуваат стравот и загриженоста кај родителот декаја губи контролата врз детето.
Детето почнува да станува свесно за групните правила и се јавуваат првите просоцијални поведенија, како што се алтруизмот и конформизмот.
Во овој период, детето е ставено пред многу предизвици и тоа:
како да комуницира со другите кога не се согласува со нив;
да се бори за своите ставови и за себе;
како да се одбрани од напади и како да разреши конфликти;
како да биде добро, кога другите не се;
дури и кога е тешко, како да биде лојално и да се залага за другите и сл.

Преку обиди и грешки, успеси и неуспеси, поткрепено со претходно развиените вештини и степенот на лична самодоверба, детето многу ќе научи за другите, но и за себе. Детето ќе научи за емпатијата, ќе ги разбере, провери и тестира сопствените ставови и вредности.
Социјалните контакти на детето со врсниците стануваат интензивни, особено со оние од ист пол. Семејството го заменува групата врсници. Пријателствата стануваат најважна работа за детето и се нов извор на поддршка, но и на емоционално задоволство. Социјалната група внесува новини, го поттикнува детето на нови интереси и го учи на нови вештини.
Колку што расте потребата на детето за припадност, добивање место и улога во групата, толку расте и притисокот на групата врз детето, преку поставување на правила и норми.
Понекогаш детето е ставено пред предизвик да го прифати предлогот од групата и да направи некоја работа за која знае дека родителот не се согласува или да го одбие понуденото. Да направи избор помеѓу прифатеноста од групата и изневерување на родителите или да ја задржи довербата на родителите и да ризикува да биде отфрлен од групата што многу му значи.

Насоки за родителот:

Забележувате дека вашето дете, кога е во друштво со другарите од училиштето, употребува погрдни зборови и пцости. Но, кога е само и се дружи со братучедите, тоа не ги користи овие зборови.
Вас како родител ве вознемирува ваквата ситуација. Вие во секојдневната комуникација не користите такви зборови, ниту сакате вашето дете да го прави тоа. Кога ги користи овие зборови, вие го опоменувате.
Наместо постојано да го опоменувате или казнувате, останете смирени, а кога ќе останете сами, дајте му до знаење дека не сакате да слушате лоши зборови. Поразговарајте со детето и потенцирајте што сте забележале во однос на тоа кога ги користи. Кажете му дека ги користи само кога другарува со децата од училиште, како и за неговата потреба да комуницирана таков начин со нив. Прашајте го дали го знае нивното значење и побарајте да ви предложи кои други зборови би можело да ги користи додека комуницира со соучениците, а тие да не се непристојни.

Запомнете:
Разберете ја потребата на детето да прави некои работи само за да им се допадне на другарите, а со тоа да се избори за своето место и да биде прифатено од друштвото.
Не ги прави работите намерно за да ве налути, туку едноставно ја задоволува потребата за припадност и прифатеност од социјалната средина. Никогаш немојте да му викате или да го казнувате.
Покажете разбирање, трпеливост, истрајност, упорност и помогнете му да најде решение како да се справи со предизвиците што ги наметнуваат врсниците, друштвото и пошироката социјална средина.

Заштита и независност

Потребата на детето за прифатеност и припадност на групата често го збунува и го плаши родителот. Тој е загрижен поради „притисокот“ што средината го врши врз детето. Затоа е потребно родителот да го заштити детето од опасностите, а истовремено да ја почитува неговата сè посилна потреба за независност.

Активности со кои родителот може да го заштити детето од притисокот на средината

Заедничко користење на слободното време правење заеднички семејни активности;
разговор за другарите на детето;
искрен и позитивен разговор за предизвиците што доаѓаат;
охрабрување дека родителот е секогаш тука за детето.

Градење и јакнење на самодовербата кај детето
да му помогне на детето да ги открие и да верува во своите способности.

Вклучување во образованието на детето да присуствува на училишни настани и/или приредби;
да ги запознае наставниците на детето;
да разговара за училишните обврски и да му понуди помош на детето во нивното совладување.

Запознавање на другарите на детето
да му даде дозвола на детето да ги донесе другаритедома;
да ги запознае нивните семејства.

Градење близина, па сепак подалеку од детето
да има информации каде и со кого е детето, но да ја почитува неговата потреба за приватност;
да му покаже дека му верува.

Родителот може да ја потпомогне независноста на детето преку развивање на чувство за:
добро и лошо (да разговара за опасни активности и да му објасни зошто треба да ги избегнува пушењето, пиењето или земањето дрога; да разговара за сопствените и вредностите на детето; да разговара за пубертетските промени; да разговара за притисоците на околината, правењето избори и последиците од тоа; како детето да се спротивстави на притисоците од околината и сл.);
одговорност (да го вклучи детето во домашни активности; да разговара за парите и да го подучи како разумно да ги користи; да го вклучи при донесување на семејни правила и одлуки и сл.);
емпатија и почитување на другите (да го поттикнува детето да им помага на луѓето што се во неволја и како да постапи кога другите се лоши кон него и сл.);
да размислува за сопствената иднина (да му помогне на детето да постави некои сопствени цели; да му помогне како да ги оствари целите; да го охрабри ако има некој свој „сон“ и сл.

Во овој период, детето го применува сето она што дотогаш го има научено и извежбано:
да се почитува себеси и другите;
да разрешува конфликти и проблеми;
на соодветен, конструктивен начин да ги изразува своите чувства.
Секојдневно детето самостојно ќе ги практикува и усовршува овие вештини далеку од своите родители, со што се зголемува неговата независност.

Пубертет

Пубертетот претставува почеток на адолесценцијата. Тој е интензивен период на значајни, драматични и богати промени кај детето. Тоа бргу расте, има драстични промени на физички и физиолошки план. Наеднаш се зголемува висината, коските побргу растат од мускулите и често телото на детето изгледа диспропорционално, несмасно.
Хормоналните промени доведуваат до полова зрелост на репродуктивните органи кај детето. На оваа возраст незнаењето за сексуалноста кај децата предизвикува негација за каков било афинитет кон спротивниот пол. Како што расте и се збогатуваат знаењата за сексуалноста, така односите на детето со спротивниот пол стануваат сè поважни.
Овие промени влијаат и врз стабилностa на чувствата кај детето. Честа појава е брзата промена на расположението кај детето, а чувствата се движат на дијаметрално спротивни страни.

Насоки за родителот:

Вашето дете излегува од својата соба и вие го прашувате што сака да вечера, а тоа не ви одговара. Го прашувате уште еднаш и детето нервозно, грубо и на висок тон ви одговара дека не сака да разговара со вас.
Вас како родител можеби ваквата реакција ќе ве збуни или налути, бидејќи вашата намера е добра и детето тоа не знае да го цени.
Наместо да се лутите, потребно е со смирен тон да му кажете дека ја забележувате неговата вознемиреност и дека сте подготвен, кога тоа ќе посака, да разговарате за настанот.
Кога ќе разговарате за неговата вознемиреност, слушајте го со внимание и понудете му помош околу наоѓање на решение за проблемот што го мачи.
Поразговарајте и за вашите чувства кои биле предизвикани од неговата нервозна реакција. Објаснете му дека во односите со другите луѓе од особена важност е меѓусебното почитување, па дури и кога е нервозно.
Понудете му помош заедно да пронајдете, за него прифатлив начин на комуникација со други лица и тогаш кога е вознемирено, нервозно.

Запомнете:
Ваквите реакции на детето не се со намера да ве налути и навреди. Детето нема искуство и знаење како да ги контролира сопствените чувства.
Пубертетот и хормоналните промени влијаат врз честата промена на емоциите и расположението кај детето.
Никогаш немојте да му викате или да го казнувате детето. Бидете трпеливи, покажете му дека го разбирате, декае сакано и сигурно со вас.
Најдоброто време за разговор е откако „бурата“ ќе помине.
Вашата реакција на „бурата“ е личен пример кој детето секогаш ќе го следи.

Главна и најважна задача на родителот во оваа развојна фаза е да го поддржува и насочува детето.

Please follow and like us:

Leave a Comment