Родителството е динамична животна улога со долгорочни цели. Таа не завршува само со процесот на раѓање на детето. Улогата на одговорно родителство подразбира:
признавање на детето и неговите права;
почитување на развојните потреби на децата;
овозможување родителска грижа, нега, љубов, топлина кон детето;
ненасилно однесување на родителот кон детето;
користење позитивни родителски стратегии;
насочување на детето со вклучување на родителско водство, кое подразбира поставување граници и развивање на неговите капацитети до максимум;
развивање вештини и стекнување знаења за родителите да одговорат соодветно на потребите на детето;
користење на родителските компетенции во различни животни ситуации на семејното живеење и опкружувањето.

Подолу се претставени улогата и влијанието на родителот при задоволување на различните потреби на детето во неговиот раст и развој.

Улогата на родителот е главен фактор во развојот на детето од повеќе аспекти, било да станува збор за здравјето, благосостојбата, емоционалниот развој, комуникацијата, социјализацијата и др.
При грижата и воспитувањето на децата, родителот постапува спонтано и најчесто го прифаќа традиционалниот начин на воспитување и тоа преку:
трансгенерациско пренесување на родителските модели од претходните генерации, односно научено од своите родители и нивните лични искуства во семејството и пошироката заедница во која растел и се развивал и
морално-вредносниот систем, традицијата и културата кои се негуваат во современото општествено живеење.

Но, современиот родител покажува интерес за учење на родителството, преку личен ангажман, односно едукација на полето на родителството, како резултат на подготвеноста за преиспитување на сопствените капацитети, знаења и умеења, со цел да се стане компетентен родител. Денешниот родител покажува подготвеност да ја прифати одговорната улога што ја има како главен актер во процесот на грижа и воспитување на децата, а воедно покажува и отвореност за промени и подобрување на ова поле.

2.1. Одговорно родителство

Во согласност со Конвенцијата за правата на детето се потенцираат два вида одговорност на родителот:
примарната улога на родителот во подигнување на детето е секогаш да го почитува принципот на најдобриот интерес на детето, каде што приоритет му се дава на развојот на детето и неговата благосостојба
родителот има право на поддршка од државата во исполнување на родителската одговорност.

Во Конвенцијата за правата на детето, исто така, е опишано што се подразбира под поимот најдобар интерес на детето: осигурување животни услови кои ќе овозможат целосен и хармоничен развој на детето, вклучувајќи го менталниот и социјалниот развој на детето, како и примарно насочување и водство на детето при остварување на неговите права. Притоа треба да се почитуваат растечките развојни можности на детето и мислењето на детето, без насилство, понижување и казнување.

Френсис Гарднер ја промовира пирамидата на родителство преку која ги препорачува следниве интервенции во односот родител – дете, со цел градење на позитивно родителство:

Според неа, позитивното родителство е важно за децата, родителите и заедницата. Како придобивки од позитивното родителство за децата, пирамидата ги потенцира:
добро здравје и благосостојба на децата;
намалување на насилството врз децата – во домот и надвор од домот;
намалување на ризикот од проблематично однесување и негативен животен стил;
јакнење на отпорноста на децата, особено во случај на стрес и криза;
соработливи деца;
деца со среќна и жива природа.

Ефекти на позитивното родителство:
се надоврзуваат на претходните знаења за значењето на родителството;
ја намалуваат грубоста во родителството, занемарувањето и злоупотребата на децата;
го намалуваат стресот кај родителот;
го подучуваат родителот на вештини на ефективно и позитивно дисциплинирање на детето;
унапредување на интеракцијата меѓу родителот и детето;
се развиваат вештини кај родителот за успешно родителство;
се унапредуваат знаења кај родителот за развојните фази на детето и неговите потреби;
се зголемува самодовербата кај родителот.

Бенефити од позитивното родителство за заедницата се:
со мали трошоци се градат вештини и знаење кај родителите;
Програмата за позитивно родителство е исплатлива – дава можности за решавање на идни проблеми кои би имале висока цена на чинење;
интервенциите во родителството лесно се дисеминираат меѓу родителите;
интервенциите во родителството се лесни, применливи и практични;
ефектите од програмата се видливи кај децата;
имаат влијание врз развој на систем на вредности на целата заедница;
среќни семејства – силни семејства.

Наспроти тоа, неадекватното родителство, родителство со примена на казни, подоцна има негативни последици кај децата:
проблематично однесување на децата, престапништво;
злоупотреба на алкохол, дрога и други психотропни супстанции;
насилство спрема идниот партнер и децата;
неуспех во училиште;
нарушено физичко и ментално здравје и др.

Што треба да промениме и на кој начин да тргнеме по патот на позитивното родителство?

Родителските воспитни стилови се менувале и редефинирале низ времето и тие најчесто зависат од повеќе и различни фактори и влијанија. Секој однос родител – дете е различен, има различни карактеристики и придонесува за различни реакции кај децата.
Од досегашното искуство и од сознанијата за градење на релацијата на родителот со детето и манифестирачкото однесување на родителот, можеме да издвоиме неколку родителски воспитни стилови.

Попустливиот родител не применува казни и забрани, избегнува да спроведе контрола врз активностите или однесувањето на детето, му ги прифаќа сите желби и дозволува детето самостојно да ги регулира сопствените активности.
Овој родител јасно не му ги предочува на детето своите очекувања, нема механизми за позитивна контрола, нема јасни граници помеѓу дозволеното и недозволеното, доброто и лошото, како во рамките на семејството, така и во пошироката социјална средина. Овие родители се афирмативни и нежни, имаат малку барања, малку дисциплина, го прифаќаат и се благи кон импулсите и поведението на детето, го сакаат и заштитуваат детето, но не се гледаат како одговорен фактор во развојот и воспитувањето;
Авторитарниот родител е спротивен на попустливиот родител. Тој се обидува да ги обликува, да ги контролира и да ги оценува однесувањето и ставовите на детето во согласност со неговиот личен стандард, кој е произволен и зависи од неговото моментно расположение и потреби. Авторитарниот родител ја цени послушноста и може да користи казнени, присилни мерки за да го скроти однесувањето, не го почитува детето, ја фаворизира слепата послушност и секоја грешка ја коригира преку вградениот страв кај детето. Нема преговарање меѓу родителот и детето, зборот на родителот е закон, бидејќи релацијата се заснова врз моќ. Послушноста е доблест, а родителот дава предност на казната и силата наспроти љубовта и комуникацијата;
Авторитативниот се смета како еден од најдобрите и најкорисни родителски стилови. Овој родител презема одговорност за грижата и водството на детето, го почитува, му дава можност да ги изрази своите потреби и ставови, поттикнува на разговор, поседува вештини на слушање и има емпатија. За овој родител, важна е комуникацијата како и желбите и потребите на детето, способен е да постави цврста граница, пропорционална со потребите на детето и секогаш е доследен во постапките.
Во последниот период, родителите во својата интеракција со детето покажаа и други манифестирачки однесувања:
Индиферентен родител е несовесен родител, немарен, безгрижен како во давање нежност, така и во дисциплинирање на детето, насочен е кон својот комодитет и не е вклучен во родителството. Овој родител е неспособен да ги сфати основните потреби на детето за нега, љубов и поврзаност. Овој тип родител може самиот да бил запоставуван или имал проблеми со злоупотреба на супстанции.

Препознавањето на родителскиот стил ќе му помогне на родителот да ги процени своите слаби и јаки страни како ефективна појдовна точка, за да може да ги подобри своите родителски вештини. Постојат варијации помеѓу овие описи на родителски стилови, така што родителот не мора совршено да се вклопи во една категорија, но најважно е да се утврди кој стил најмногу го користи во интеракцијата со своето дете.
Од аспект на позитивното родителство, препознавањето на родителскиот стил е важно, бидејќи од родителскиот стил ќе зависат следниве аспекти во односот родител – дете:

Очекувањата на родителот од детето
Од тоа дали овие очекувања се преголеми, премали или соодветни, зависи: пристапот на родителот кон детето; во кој степен тој го следи однесувањето на детето и воопшто неговата активност; како и применетите видови комуникација со детето, и

Реакцијата на родителите
Ова се однесува на степенот во кој родителот е одговорен за поддршка на потребите и барањата на детето. Тука спаѓаат: топлина и нега од аспект во одгледувањето на децата; степенот на приврзана интеракција; интересот на родителот за секојдневните активности на детето; поттикнување на индивидуалноста и самоконтролата кај детето; земањето предвид на личните чувства на детето и почитување на гледната точка на детето.

Please follow and like us:

Leave a Comment