Родителството е секојдневна интеракција на родителот со детето, која во себе вклучува нега, грижа, љубов, насочување, посветеност.

Постојат низа очекувања кои одат заедно со улогата на родител, кои се менувале низ историјата.
Во различни општества бил различен стандардот за добар родител, се применувале различни воспитни методи, се менувале видовите
семејства и семејното живеење. Но, едно е заедничко, а тоа е дека родителот ја увидел беспомошноста на децата, живеел со нив и се грижел за нив. Се разбира, секогаш
имало и ќе има исклучоци. Она што со сигурност се знае е дека стилот на родителството има значајно влијание врз благосостојбата, здравјето и развојот на децата.
2.1 Зошто традиционалните модели на воспитување на децата денес не може да се применат и носат повеќе штета отколку корист?
Ова е многу сложено прашање и не може да се одговори ако не се сфати општествениот контекст во кој растат денешните деца, кој е многу променет. Ако се
направи обид денешните деца да се споредуваат со децата од претходните генерации врз тие основи да се гради родителството, може да се западне во голема замка.
Претходните генерации родители најчесто не читале книги за родителство, не оделе на советување и не учеле како да бидат родители. Но грижата за децата, во големите
семејства, била најчесто од страна на мајката, бабата и други женски членови во семејството. Децата едноставно растеле, а нивните родители не се осврнувале многу
и не размислувале за родителството и улогата на родителот. Воспитувањето на децата била секојдневна, спонтана и вообичаена активност, научена од претходната
генерација, со јасна хиерархија на авторитет и почит кон постариот. Медиумите биле ограничени и со скромно влијание, со телевизиски серии и филмови со пораки за
совршени семејства и казни за отстапувањата од правилата, а општеството било поддржувачко кон тие пораки.

„Стручните лица може да им помогнат на родителите во воспитувањето на децата,
но не може да ги заменат, бидејќи колку и да знаат за децата и детскиот развој општо,

не знаат речиси ништо за секое дете поединечно.
Родителот најдобро го знае своето дете.“
Пенелопе Лич (Penelope Leach), британски психолог

Денес е напуштен концептот/моделот на просечност, потчинетост и инфериорност на детето, како и позицијата на детето која е променета во насока на почитување
на неговите права. Променети се и родителите. Традиционалниот модел на патријархално семејство е целосно редефиниран.
Отвореноста кон користење на интернет, влијанието на медиумите и променетиот морално-вредносен систем бараат сосема друг пристап во родителството.
Затоа е невозможно да се прави споредба помеѓу денешните деца и генерацијата на нивните родители, а уште помалку со нивните баби и дедовци. Но убаво е понекогаш
да се слушаат постарите и нивните искуства во грижата и воспитувањето на децата, бидејќи некои вредности се универзални и важат засекогаш и за секое време.

Please follow and like us:

Leave a Comment