Програмата „Фер родител – фер дете“ е пристап во градење на позитивни интеракции на релација родител – дете во кој родителот користи ненасилни и позитивни методи на воспитување, подучување и комуникација со детето.

Одговорноста на поединецот (професионалец/родител) и општествената група (семејството/училиштето/други институции), како главни чинители во процесот на растење, развивање и воспитување на децата и воедно гаранти за актуализација и реализација на правата на детето, ги одредува како општата, така и посебните цели на програмата „Фер родител – фер дете“.
Позитивното родителство во програмата се сфаќа како ефикасно родителство кое се темели врз основните принципи на правата на детето. Тоа е пристап каде што улогата на родителот е да биде водич низ животот на детето, со почитување на правата на детето на здрав развој, заштита од насилство и учество во неговото учење.
Тоа не значи да се биде попустлив родител, но ниту родител кој казнува. Станува збор за постапки кои нудат долгорочни решенија во развојот на децата, самодисциплина и развивање вештини. Позитивното родителство ги учи децата на ненасилство, емпатија, самопочит, почитување на себеси и другите. Зборот позитивен не треба да биде сфатен во буквална смисла, односно дека родителот треба секогаш да е насмеан, среќен и никогаш да не биде лут, разочаран и загрижен.
Позитивното родителство како пристап има динамична структура во која родителот постојано учи како со мали чекори да остварува големи цели, односно како постепено да ги подобрува своите родителски вештини. Родителот учи да гради позитивни релации со детето, исполнети со љубов, внимание и топлина, но со водство, поставување на граници и почитување на детето како индивидуа со свои права.
Во структурата на позитивното родителство се вградени следниве аспекти:
– Секогаш во преден план да е најдобриот интерес на детето;
– Да се почитува детската автономност и да се охрабрува детската самоиницијатива;
– На детето да му се обезбедат развојно адекватни можности за избор;
– Да се води детето самостојно да ги реши проблемите;                                                                                                  – Улогата на родителот да се разбере како динамичен процес на учење и адаптирање;                                              – Да се афирмираат ненасилни релации, комуникација и интеракција на родителот со детето.

Please follow and like us:

Leave a Comment