ШТО Е ДЕТСКИ РАЗВОЈ?
Кога станува збор за развојот на детето, се мисли на целиот процес и на сите промени што се случуваат во него, што го унапредуваат и притоа му обезбедуваат подобра рамнотежа, поголема стабилност и ефикасност во средината во која расте. Растот и развојот на детето се гледаат низ промените што се случуваат на биолошко, психичко и социјално поле.
КОИ ФАКТОРИ ВЛИЈААТ ВРЗ РАЗВОЈОТ?
Промените се поттикнати како од внатрешни така и од надворешни фактори. Внатрешните фактори се поврзани со генетскиот
запис, со она што детето го наследува преку гените од своите родители и предци. Надворешните фактори се поврзани со
карактеристиките и специфичностите на примарната (родителот, семејството) и пошироката социјална средина (група, заедница и општество на кое припаѓа семејството).
Карактеристиките и специфичностите на примарната и пошироката социјална средина се одредени од културата, религијата и традицијата на која й припаѓаат, но и од моменталното ниво на развој, морално-вредносниот систем и организацијата на општеството во целина.
Растот и развојот се континуирани, а поради постоењето на овие фактори, сепак, се специфични и различни за секое дете поединечно.
И покрај индивидуалноста, сепак, може да се забележи дека развојот се одвива низ неколку фази, кои пак се слични за секое дете.

КАКВИ ПРОМЕНИ СЕ ЗАБЕЛЕЖУВААТ КАЈ ДЕТЕТО ВО ТЕКОТ НА РАЗВОЈОТ?
Промените што се забележуваат низ овие развојни фази можат да бидат квантитативни и квалитативни. Тие се одвиваат постепено и се движат по нагорна линија, на сите полиња и го опфаќаат целото битие на детето. Квантитативните промени се степенести и лесно
мерливи. Како што расте, кај секое дете може да се забележат и да се измерат, на пример: телесната тежина, висината, богатството на речникот, бројот на социјалните врски и сл.
Квалитативните промени се посложени за следење, бидејќи не се одвиваат постепено и се нарекуваат „скоковити“. Всушност, и тие секојдневно се случуваат, но не се толку видливи. Тие се притаени и се поврзани со зголемувањето на животното искуство и физиолошкото созревање на детето. Ваквите промени може да се видат, на пример, во разликите што постојат во  содржината на говорот на малото дете и говорот на адолесцентот, односно возрасниот. Детето на 2-3-годишна возраст зборува и раскажува
за тоа што може да го види и да го допре. Зборува за своите лични искуства од позиција на сегашност и тешко може да ги определи минатото и иднината. Затоа се вели дека детето на оваа возраст размислува на конкретно ниво. Детето на 13-14-годишна возраст, пак, може да зборува за работи што ги нема директно доживеано, односно што не се поврзани со неговото лично искуство, може точно да го определи минатото и има претстава за иднината. Затоа за ова дете се вели дека размислува на апстрактно ниво.

Please follow and like us:

Leave a Comment