Програмата „Фер родител – фер дете“ е наменета за:

  • Родител/и на деца на сите возрасти кои имаат потреба и желба да ги подобрат своите знаења и родителски вештини;
  • професионалци во различни области на организираното општествено живеење: воспитно-образовниот систем, системот на социјална/здравствена заштита и НВО/граѓански сектор;
    лице/а кое/и планираат да станат родител/и.

Предучилишните установи, односно училиштето е една од првите пошироки социјални средини каде што на децата им се отвораат вратите на растење и созревање надвор од домот. Средина во која децата го тестираат наученото од примарната средина од која доаѓаат, средина каде што ги испробуваат и градат својата самостојност, независност и автентичност, но и припадност или отфрленост од групата.

Училишната средина воедно е детектор и на сето она што значи занемарување или злоупотреба на детето. Таа е првото филмско платно или екран на кој се отсликува сето она што му е ускратено или погрешно дадено во процесот на растење и развивање во средината од која доаѓа. Таа е сцена на која детето преку интеракција со околината фигуративно го пренесува сето она што го ограничува, попречува, мачи, стигматизира, го прави несреќно и незадоволно.

Училиштето, односно професионалците вклучени во воспитно-образовниот процес имаат двојна улога. Покрај улогата на препознавачи и детектори на сето она што е пречка, отстапка или дефект во процесот на растење, развивање и созревање на детето, тие во согласност со Законот за основно и средно образование имаат и улога на поттикнувачи на позитивното, посакуваното и пожелното кај децата, преку семејството односно родителите.

Паралелен друг сегмент во општественото организирање и живеење во државата се професионалците од системот на социјална заштита (центрите за социјална работа и установите за социјална заштита на деца), како и професионалците од граѓанскиот односно невладиниот сектор, кои во делот на своето законско постапување, при остварување на некои права и услуги, доаѓаат во контакт со деца и семејства од ранливи категории изложени на разни социјални ризици.

Во согласност со Законот за социјална заштита, Законот за семејство и Законот за правда за децата на Р Македонија, обврска на професионалците во системот за социјална заштита е рано откривање, превенција, но и заштита на овие деца преку јакнење на родителските, односно капацитетите на старателите при справување со социјалниот ризик, а во насока на обезбедување предуслови за непречен раст и развој на децата и остварување на нивните права.
Здравствениот сектор е, исто така, значаен сегмент во грижата и заштитата на децата од првите денови на нивниот живот и има голема улога во препознавање, рано детектирање и откривање злоупотреба и занемарување на децата во рамките на семејството.

И професионалците од граѓанскиот, односно невладиниот сектор се значаен чинител во делот на детекција и превенција од занемарување и злоупотреба на децата, односно „супер его“ или коректив при кршење на нивните права, како од страна на поединци, така и од страна на институции во системот на државата.
Тие се еден од клучните чинители за подигање на јавната свест за дефектите на системот, но и за промовирање и поддршка на промени во насока на обезбедување услови за максимално почитување и остварување на правата на децата, односно правото на живот, опстанок, раст и развој, недискриминација, правото на учество, грижа и заштита во сите сегменти на семејното и општественото живеење.

Please follow and like us:

Leave a Comment