Позитивно родителство во посебни услови

Децата меѓу себе се разликуваат по многу работи, а особено значајна разлика во нивниот развој е изложеноста на ризици врз кои тие не се во состојба да влијаат. Светот во кој децата се раѓаат, растат и се развиваат за едни значи сигурност, прифаќање и грижа, а за други истиот тој свет може да биде груб, закана и неизвесност.
Семејствата различно се справуваат со тешките услови и состојби во кои се наоѓаат. Некои семејства се помалку отпорни на стрес, не покажуваат резилиентност и многу тешко се помируваат или справуваат со живот во посебни услови. Како тие ќе се справат со тешкотиите што ги носат посебните животни услови, зависи од специфичните карактеристики на личноста/поединецот, поддршката и разбирањето од семејството и општествената средина.
Во прирачникот „Фер родител – фер дете“, даден е краток осврт за улогата на позитивното родителство во одредени, посебни услови, како што е родителство со дете со попреченост во развојот и родителство во услови на социоекономска криза на семејството.

Позитивно родителство во услови на семејна криза и траума

Дали родителот ќе успее да се справи со сериозните закани и предизвици кои ги носи социоекономската криза, зависи од неговата личност, како и од семејната еластичност и флексибилност. Одредени семејства во слични услови на социо-економска криза различно се справуваат, едни го задржуваат позитивниот став кон децата и се нивна база за раст и развој, додека други семејства во слични околности не успеваат да се адаптираат на кризата.
Како фактори што се најважни за ефикасно справување на семејството со ризикот, од аспект на задржување на позитивните релации меѓу членовите во семејството и јакнење на стратегијата на позитивното родителство, се набројуваат следниве:

Семејна кохезија (поврзаност меѓу членовите на семејството)

Емотивната поврзаност меѓу членовите на семејството е од суштинско значење за функционирањето на семејството. Семејствата што имаат добра емоционална поврзаност меѓу членовите се поспособни да се издигнат над предизвиците за нивната благосостојба и да се справат со стресот, а воедно го имаат како предуслов и првиот принцип на позитивното родителство, односно приврзаноста на детето со родителите.
Од друга страна, претерано високо ниво на семејна кохезија, исто така, може да биде и нефункционално, бидејќи емоционалните врски меѓу членовите на семејството треба да бидат во рамнотежа со нивните потреби за индивидуална автономија.
Нивото на кохезија на семејството може да се промени со текот на времето. Семејство со адолесцент има тенденција кон пониско ниво на кохезија, отколку семејство со помало дете. Ова не е поврзано со семејната дисфункција, туку е дел од процесот на природната еволуција во рамките на семејството, каде што постарите деца имаат потреба од поголема индивидуализација и автономија.

Родителски систем на верување

Родителскиот систем на верување опфаќа вредности, ставови, убедувања, предрасуди, претпоставки кои предизвикуваат емоционални реакции, одлуки и дејствувања. Доминантниот сет на вредности и верувања на родителите одлучува како семејниот систем ќе се справи со кризата и траумата.
Отпорните семејства се карактеризираат со активна истрајност, упорност, одржување на надеж и оптимизам и уверување дека тие можат да ги надминат проблемите. Родителот од ваков тип семејство полесно ги прифаќа и употребува стратегиите на позитивното родителство. На децата им обезбедува емоционална сигурност, грб врз кој може секогаш да се потпрат и градење позитивен став кон иднината.
Спротивно од нив, неотпорните семејства се карактеризираат со откажување, помирување, недоверба и песимизам и немаат надеж за надминување на проблемите. Нивниот став кон децата е, исто така, исполнет со крајна незаинтересираност или зголемена контрола и наметнување на сопствените ставови и верувања. Секое отстапување од нивниот систем на вредности од страна на детето го доживуваат како личен неуспех и чести се физичката и вербалната агресија, или пак напуштеност и недоволна грижа.

Стратегии за справување со кризата и стресот

Справувањето со кризата и стресот е свесен, намерен одговор на новонастанатата состојба. Дали и колку личноста ќе се справи со кризата и стресот предизвикан од неа и дали ќе одговори со соочување со проблемот и дејствување или пак со повлекување, зависи од нејзината компетентност, еластичност и адаптибилност.
Две стратегии се успешни за справување со стрес и криза:
активно справување (кое вклучува активна поддршка и барање решенија) и
внатрешно справување (кое вклучува внатрешна рефлексија на можните решенија).
Повлекувањето и помирувањето со неповолната семејна ситуација се нефункционално справување што води кон семејна дисфункција.

Комуникација

Комуникацијата е клучен аспект на функционирање на семејството. Комуникацијата меѓу родителот и детето има големо значење во процесот на донесување заеднички одлуки и справување со кризата и стресот, од аспект на тоа каква е нивната врска меѓусебе и со надворешниот свет, во смисла на предизвиците со кои тие се соочуваат. Ефикасната комуникација е важна за развивање на чувството на заедништво во донесувањето одлуки, што се постигнува преку преговори, компромис и реципроцитет. Ефективните комуникациски процеси во рамките на семејството се пренесуваат и на односите со професионалниот свет, на пример, во договорите со давателите на услуги. Комуникацијата има влијание врз тоа како членовите на семејството се информираат меѓусебно за работи што треба да се направат, начинот на кој членовите на семејството покажуваат љубов и поддршка.
Може да се идентификуваат три важни компоненти на ефикасна комуникација:
јасност во изразувањето;
отворено емоционално изразување;
соработка за решавање на проблемот.
Јасноста се однесува на испраќање јасни пораки, со зборови и постапки, како и на свеста за потребата да се разјаснат двосмислените сигнали.
Отворениот емотивен израз се однесува на размената на емоции во односите меѓу членовите во семејството, меѓусебно разбирање и толеранција на разликите.
Соработката за решавање на проблемот подразбира идентификување на проблемите и можностите за справување со нив, како и заеднички напори и активности на сите членови тој да се реши.

Еластичност во услови на сиромаштија – Родителството како заштитен фактор

Адекватното воспитување на детето во услови на сиромаштија во семејството е особено значајно, бидејќи родителскиот, воспитен стил има влијание врз понатамошниот детски раст и развој, како и нивото на неговите подоцнежни академски достигнувања и социјална компетентност во зрелоста.
Родителите се соочуваат со економски притисок поради ограничените приходи. Висината на приходот има влијание, но поважна е сепак способноста на семејството да управува со ограничените ресурси, какви интервенции презема за да го зголеми својот приход и односот, отвореноста и вклученоста на семејството кон програмите на општественото опкружување за поддршка.
И во овој случај, најбитен сегмент што влијае врз детето е воспитниот стил на родителот. Авторитативното родителство се смета за оптимално за развојот на децата. Ова е во спротивност со други помалку ефективни родителски стилови – авторитарен (ниско ниво на топлина и високо ниво на контрола), попустлив (високо ниво на топлина и ниско ниво на контрола) и индиферентен (ниско ниво на топлина и контрола). Овие стилови на родителство се поврзани со голем број различни проблеми во понатамошниот развој на детето.
Во услови на тешка материјална криза, многу тешко е родителот да спроведува одговорно и компетентно родителство. Па сепак, и во такви услови, родителот треба да преземе одговорност и да работи на планот на позитивна дисциплина со детето, стратегија што е разработена во овој прирачник.

Пример:

Кога вашето дете покажува непожелно однесување, никогаш немојте како родител да се обвинувате – „тоа е моја грешка, немам пари да му дадам; тој е груб со своите баба и дедо, бидејќи јас не сум во можност да го научам на добри манири; моја е грешката бидејќи неговите оценки се лоши; јас треба да работам повеќе со него секоја вечер; моја е грешката бидејќи тој останува надвор до доцните часови, јас морам да работам и затоа што му дозволив премногу слобода; се чувствувам виновен/а за сиромаштијата во семејството и сл.“
Со тоа што родителот ја презема одговорноста за постапките на детето, кај детето никогаш нема да се изгради чувство на одговорност од последиците за неадекватното однесување. Затоа поадекватно е родителот да започне со примена на принципите за позитивно родителство.

Иако не постои еден, единствен „вистински пат“ да се биде родител, постојат поефикасни начини родителот да се справи со однесувањето на детето. Одговорното родителство е вештина што се учи како и сите други вештини. Никогаш не е доцна родителот да се вклучи во животот на детето, да му се посвети, да го воспитува. Без разлика на околностите, најважно е да се преземе одговорност за сопствените постапки и однесување.
Потребно е детето да ја разбере реалната ситуација во која се наоѓа семејството. Отворено да се разговара за можностите и ограничувањата. Да не се прекриваат тешкотиите и кризните ситуации.
На овој начин, детето ќе стане свесно за своето опкружување. Добро е родителот да поминува повеќе време со своето дете и да му ги покажува позитивните емоции. Воедно, и во тешки услови во семејството, важно е детето да се поттикнува на учење и општествена активност, да му се покажуваат можностите и оптимистички да се разговара за иднината.

Позитивно родителство во грижа за дете со попреченост во развојот

Кога родителот ќе дознае дека неговото дете има попреченост во развојот, започнува едно ново животно патување, често исполнето со силни емоции, тешки избори, соработка со различни професионалци и специјалисти и постојана потреба за информации и услуги. За родителот секојдневниот живот може да претставува вистински предизвик. Тој често се соочува со прашањето како да ја одржи рамнотежата помеѓу тековните грижи за детето и „нормалниот семеен живот“. Прашањата поврзани со дијагнозата на развојниот проблем кај детето (на пример: До кој степен развојниот проблем ги отежнува секојдневното адаптирање и функционирање на детето и сл.) се извор на голем стрес. Поддршката честопати може да се добие од други родители.
Најбитно е родителот, пред сè, да е свесен за индивидуалните потреби и функционални карактеристики на своето дете. Ова е важно за да се создадат услови за воспоставување на секојдневно балансирано живеење за детето и родителот.
Секое дете е посебно, а пред да дојде до најдобро решение, потребно е родителот да испробува различни методи. Родителот најдобро го познава своето дете, многу подобро од другите и потребно е да се води од претходно стекнатите позитивни искуства во комуникацијата со него. Детето се менува со текот на времето, така што е важно односот родител-дете да биде флексибилен.
Пристапот во грижата и воспитувањето на детето со попреченост во развојот бара дополнителни напори на родителот. Пред сè, потребно е преку опсервација на активноста на детето да се идентификува неговата потреба, а потоа да се пристапи кон справување со неговото однесување. Емпатијата игра клучна улога во воспоставување на дисциплината, бидејќи тоа му помага на детето да се чувствува разбрано и го охрабрува да ги препознае своите чувства.
Важно е родителот добро да се информира за специфичностите во развојот на своето дете, да ги опсервира неговите потенцијали и ограничувања во однесувањето и активностите. Да знае дека и детето со попреченост мора да биде повикано на одговорност за своите постапки.
Потребно е да се направат приспособувања на опкружувањето и правилна проценка на способноста на детето да се соочи со секојдневните ситуации и барања и соодветно на ова, родителот да му даде на детето одговорности кои се адекватни за неговиот развоен стадиум. Потребно е родителот да воспостави правила и граници за да може детето да ги разбере последиците од своето однесување. Доколку правилата и границите не се применуваат од страна на родителот, кај детето ќе се намали чувството на самоконтрола и самодоверба.
Содржината на овој прирачник за позитивно родителство е применлива и за дете со попреченост во развојот. Треба да се има во вид дека секој вид попреченост има свои специфични карактеристики и бара одреден пристап на родителот.
Кога едно дете со попреченост манифестира неадекватно однесување, родителот може да му понуди друг избор наместо негативните наредби како што се: „Не“ и „Стоп“.

Please follow and like us:

Leave a Comment