Во овој период детето станува сè посамостојно и независно и го користи сето она што го има научено и усвоено во претходните фази. Социјализацијата и социјалните врски што ги гради со врсниците и други лица стануваат побогати, подлабоки, поинтензивни и најзначајни за него.
Детето е свесно за себе и се смета за центар на светот. Окупирано е со својот физички изглед, популарноста, омиленоста, сексуалната привлечност и себеприфаќањето.

Посебност и единственост – идентитет

Ги продлабочува и интензивира комуникацијата и интеракцијата со околината, преку што сè повеќе се открива, самоспознава, односно го открива својот единствен идентитет. При градењето на идентитетот, детето интензивно експериментира, испробувајќи различни карактеристики на разни личности, со цел да открие која најмногу му одговара.
Формирањето на идентитетот кај детето е придружено со неговата силна желба да им ги потенцира на родителот и другите луѓе од своето опкружување својата посебност, различност и единственост.
Својата посебност и различност од она што другите очекуваат од него да биде детето често пати ги покажува и изразува преку:
избор на музика;
склоност кон одреден вид храна;
избор на облека и фризура;
избор на слободни активности и хоби;
избор на пријатели и уверувања;
планови за иднина и сл.

Насоки за родителот:

Вашето дете речиси секогаш сака да слуша гласна музика, не обрнува внимание дали некој во домот не сака да слуша таков вид музика или некој член од семејството се одмора. Често слуша музика длабоко во ноќта кога другите спијат.
Вие како родител треба да знаете дека тоа што детето постојано сака да слуша гласна музика не го прави намерно за да ве налути. Едноставно е понесено од неа и заборава на околината.
Доколку вашиот избор на музика се разликува од изборот на вашето дете, немојте да го исмевате или да го осудувате. Поразговарајте за тоа како го направил изборот, што му се допаѓа кај тој вид музика и како се чувствува додека ја слуша.
Поразговарајте како се чувствува кога другите во негова близина прават некои работи кои го вознемируваат или кои тој не ги сака. Потсетете го дека можеби со слушање на гласна музика ги занемарува потребите на лицата во неговото опкружување.
Потсетете го на семејните правила околу пладневниот,вечерниот или ноќниот одмор и побарајте од него помош заедно да определите дел од денот кога ќе може да слуша гласна музика, без да им пречи на другите.

Запомнете:
Ваквото однесување на детето не е намерно со цел да ве вознемири или налути. Никогаш немојте да му викате или да го казнувате.
Потребно е да ја разберете неговата потреба да се изрази преку музиката, која е дел од процесот на градење личен идентитет и посебност.
При решавање на заеднички проблеми или воспоставување нови семејни правила, секогаш директно вклучете го детето, бидејќи тие се однесуваат и на него.

Експериментирање

Ова експериментирање е слично на она што се случува во првите години од животот на детето, кога експериментира со различни предмети, со цел да го истражи и запознае светот.
Во овој период кај детето преовладува чувство на моќ, сила, па дури и чувство на бесмртност, што го прави некритично при експериментирањето. Тоа единствено е мотивирано од потребата да го открие вистинското „јас“, кое е посебно и различно од родителот.
Поради тоа, детето често експериментира со работи кои можеби се забранети или различни од оние што ги прави родителот. Детето прави нови, невообичаени и чудни избори во облекувањето, фризурата, во начинот на комуницирање и др. Овие избори го плашат родителот, кој често се прашува каде исчезнало сето она на што дотогаш го учел своето дете.
Во правењето избори детето и ќе погреши. Но, најважно ќе му биде сознанието дека на својот родител може без страв во секое време да му се обрати за помош, без да биде изложено на исмевање или критика.

Насоки за родителот:

Вашето дете за првпат ќе ја прослави Новата година надвор од домот, во кафуле со своето друштво. Ви соопштува дека од разговорот со другарите дознава дека некои од нив планираат на прославата да пијат алкохол. Се изјаснува дека го одобруватоа, а смета дека и тој е доволно голем, па можеби и тој ќе проба една чашка алкохол.
Вас како родител ова ве вознемирува и плаши, не сакате вашето дете да пие алкохол и ви е страв да не се опијани. Сакате да го заштитите и можеби ви паѓа на ум да му забраните да се дружи со децата кои планираат да пијат алкохол или мислите дека е подобро да не го пуштите на прослава надвор од вашиот дом.
Со забрана или казна, детето нема да го одвратите од намерата да проба алкохол, само можеби ќе ја одложите или зголемите неговата љубопитност.
Воздржете се од критика, а на детето нагласете му дека во непријатните ситуации секогаш сте тука за да му помогнете. Дека ја почитувате и сакате искреноста, дека го сакате и дека секогаш ќе го поддржувате.
Би било добро отворено да поразговарате за вашето лично искуство со алкохолот. Доколку разговарате за вашите лични искуства, нема да го поттикнете на употреба на алкохол, напротив ќе му покажете дека и вие сте биле ставени во иста или слична ситуација.
Понудете му помош за да најдете решение како да се справи со предизвикот на кој е изложен, а под притисок на групата.

Запомнете:
Ваквото однесување надетето не е намерно и со цел да ве налути, повреди или вознемири.
Никогаш немојте да му викате или да го казнувате.
Потребно е да ја разберете неговата потреба за автономност, потреба за експериментирање во потрагата по сопственото „јас“, кое е посебно и различно, поинакво од тоа на родителот.
Потребна му е вашата потврда дека го разбирате и дека секогаш сте тука да го поддржите, да му помогнете.

Контрола и независност

Детето не сака да биде контролирано, а сепак многу му значи заемната доверба со родителот.
Независноста го поттикнува детето да ги преиспитува верувањата и убедувањата на родителот, а воедно ги зацртува своите морални вредности и норми. На овој начин се продлабочува индивидуализацијата, детето продолжува да ја надградува сликата за себе, која зависи од себеприфаќањето и себепочитувањето, во што му помага родителот.
Најважно што родителот може да направи во оваа развојна фаза е да:
ја јакне релацијата родител-дете;
ги следи и надгледува активностите на детето;
ја поттикнуваат самостојноста.
Врската родител – дете почнува да се создава и развива со самото негово раѓање, а низ развојните периоди сè повеќе се дефинира и дооформува. Доколку таа е топла, нежна, стабилна, цврста и полна со љубов, дотолку веројатноста е сè поголема за полесно и поуспешно минување низ овој бурен период, а детето нема да избегнува да биде во контакт со родителот.
Кога врската на детето со родителите е обременета со претерана контрола и казнување, тогаш поголема е веројатноста детето:
да се плаши и да ги избегнува родителите;
почесто да лаже;
да станува анксиозно, депресивно или бесно и агресивно;
да е бунтовно и сл.

Зголемената потреба на детето за независност е во судир со потребата на родителот да му понуди ред и структура.Најдобро е кога родителот ќе успее да ги следи и надгледува активностите на детето и да знае што тоа прави, но на начин на кој ќе ја почитува потребата и правото на приватност и независност на детето.
Следењето и надгледувањето се поуспешни кога родителот е често во интеракција со детето, но на забавен начин придружен со хумор. Ова би можело да се постигне и преку тоа што родителот:
ќе ги знае другарите на детето;
често ќе разговара со детето;
ќе покаже интерес за редовните и слободните активности на детето;
ќе практикува заеднички активности со детето во кои сите уживаат и др.

Самостојност и донесување одлуки

Овој период е голема шанса и можност родителот во безбедна средина да му покаже и да го научи детето на самостојно и правилно донесување одлуки. Самостојноста родителот може да ја поттикне и јакне преку:
давање поддршка на детето, дури и кога тоа греши;
поттикнување на детето по неуспех повторно да се обиде;
изразување безусловна љубов;
почитување на идеите и различното мислење на детето;
практикување на разговор со детето како на нив рамно и сл.

Поттикнувањето и јакнењето на детето за самостојност се остваруваат во секојдневната комуникација, која родителот може да ја подобри ако:
активно слуша;
избегнува омаловажување и потсмевање;
е подготвен да дебатира;
и кога не го одобрува,ги разбира детето и неговото однесување;
го вклучи во семејни разговори и при донесување на семејни одлуки;
ги респектира размислувањето и ставот на детето;
разбере дека оваа развојна фаза е период кога детето ги гради својот идентитет и самостојност.

Please follow and like us:

Leave a Comment