3_programa
Современото родителство се наоѓа во една специфична состојба и е изложено на многу ризични фактори. Под влијание на разновидните општествените промени, пред родителот се поставуваат нови предизвици за исполнување на родителската одговорност.

Притисоците кои ги чувствува родителот поради работниот ангажман, медиумите, јавните служби, другите членови во семејството, пријателите, се одразуваат врз квалитетот на односите и времето поминато со детето. Традиционалните стилови на родителство кои до пред само неколку децении се пренесуваа трансгенерациски, сега се неадекватни и неприлагодливи кон потребите на современиот родител кој се подолго е отсутен од дома поради зголеменото работно време, променетите односи меѓу машките и женските членови во семејството во кои се повеќе доминира рамноправноста во улогите, промената во составот на семејството (се зголемува бројот на еднородителски семејства), промената во разбирање на природата на детето и неговите права, како и различно разбирање на  родителскиот авторитет.

Импутот од општественото опкружување врз родителот често пати може да предизвика негативни последици врз целокупната семејна струкура во која детето расте, се развива и учи. Затоа на родителот му е потребна општествена поддршка односно подобрување на семејната политика преку зајакнување на образовни, социјални, здравствени, економски и др. аспекти, но и обезбедување на дневна грижа за децата, локални услуги, центри за ризични категории на деца и семејства и сл. Во рамките на општествената поддршка на родителите, приоритет треба да имаат програмите за зајкнување на родителските капацитети, развивање на свест за важноста на родителите за децата и воопшто за родителската улога.

Центарот за интегрална рехабилитација Виготски ја разви програмата ФЕР РОДИТЕЛ – ФЕР ДЕТЕ со поддршка на Канцеларијата на УНИЦЕФ, со што се овозможи потребата за поддршка на родителите во нашата земја да  стане реалност, преку иницирање на иновативна програма заснована врз анализа на потребата и долгогодишно професионално искуство.

Оваа програма е базирана на пристапот за позитивно родителство кој е веќе развиен, достапен и практикуван во многу земји, како метод за поддршка на родителите за компентентно постапување во секојдневните интеракции со детето. Новиот пристап во родителството, позитивното родителство може  да има успех кај мали деца, кај училишни деца или кај адолесцнети, корисен е за деца со попреченост и други хронични или ретки болести. Со примена на новите методи од страна на родителот, децата на сите возрасти почнуваат повеќе да соработуваат, позитивно да реагираат на неказнување и покажуваат голема флексибилност и адаптибилност кога се опкружени со внимание, грижа, поддршка и охрабрување.

Програмата ФЕР РОДИТЕЛ – ФЕР ДЕТЕ е наменета за секој родител кој има вообичаени секојдневни потешкотии со детето во периодот од раѓањето до крајот на пубертот. Можат да ја користат и стручните работници кои му обезбедуваат поддршка на родителот, како и на семејствата.

Програмата за позитивно родителство ФЕР РОДИТЕЛ – ФЕР ДЕТЕ има за цел да помогне во создавање на здрави семејни системи и развивање на компетентен родител. Со позитивното родителство се гради силно семејство кое по пат на рефлексија на сопственото искуство ќе се избори со идните предизвици. Семејството со ваква животна ориентација на детето ќе му помогне да порасне во среќно, самоуверено и самостојно дете, со здрави морални принципи и јасни животни ставови.

 

 

Please follow and like us:

Leave a Comment