Родителството е секојдневна интеракција на родителот со детето, која во себе вклучува нега, грижа, љубов, насочување, посветеност.
Постојат низа очекувања кои одат заедно со улогата на родител, кои се менувале низ историјата. Во различни општества бил различен стандардот за добар родител, се применувале различни воспитни методи, се менувале видовите семејства и семејното живеење. Но, едно е заедничко, а тоа е дека родителот ја увидел беспомошноста на децата, живеел со нив и се грижел за нив. Се разбира, секогаш имало и ќе има исклучоци. Она што со сигурност се знае е дека стилот на родителството има значајно влијание врз благосостојбата, здравјето и развојот на децата.

ЗОШТО ТРАДИЦИОНАЛНИТЕ МОДЕЛИ НА ВОСПИТУВАЊЕ НА ДЕЦАТА ДЕНЕС НЕ МОЖЕ ДА СЕ ПРИМЕНАТ И НОСАТ ПОВЕЌЕ ШТЕТА ОТКОЛКУ КОРИСТ?
Ова е многу сложено прашање и не може да се одговори ако не се сфати општествениот контекст во кој растат денешните деца, кој е многу променет. Ако се направи обид денешните деца да се споредуваат со децата од претходните генерации и врз тие основи да се гради родителството, може да се западне во голема замка. Претходните генерации родители најчесто не читале книги за родителство, не оделе на советување и не учеле како да бидат родители. Но грижата за децата, во големите семејства, била најчесто од страна на мајката, бабата и други женски членови во семејството. Децата едноставно растеле, а нивните родители не се осврнувале многу и не размислувале за родителството и улогата на родителот. Воспитувањето на децата била секојдневна, спонтана и вообичаена активност, научена од претходната генерација, со јасна хиерархија на авторитет и почит кон постариот. Медиумите биле ограничени и со скромно влијание, со телевизиски серии и филмови со пораки за совршени семејства и казни за отстапувањата од правилата, а општеството било поддржувачко кон тие пораки.
Денес е напуштен концептот/моделот на просечност, потчинетост и инфериорност на детето, како и позицијата на детето која е променета во насока на почитување на неговите права. Променети се и родителите. Традиционалниот модел на патријархално семејство е целосно редефиниран.
Отвореноста кон користење на интернет, влијанието на медиумите и променетиот морално-вредносен систем бараат сосема друг пристап во родителството.
Затоа е невозможно да се прави споредба помеѓу денешните деца и генерацијата на нивните родители, а уште помалку со нивните баби и дедовци. Но убаво е понекогаш да се слушаат постарите и нивните искуства

Современиот родител сака да знае како секојдневно и ефикасно да го воспитува своето дете, а притоа да не го
повишува тонот, да не го удира и да не се расправа со него. Современиот родител сака да го порасне своето дете во среќен, исполнет и самостоен човек.
Стилот на родителството се однесува на тоа како родителот одговара на своето дете и неговите родителски обиди да го воспита, одгледа, да го социјализира, всушност, да го порасне своето дете.
Родителските воспитни стилови се менувале и редефинирале низ времето и тие зависат од повеќе и
различни фактори и влијанија. Од досегашното искуство и сознанијата за градење на релацијата на родителот
со детето и однесувањето на родителот, се издвоиле следниве родителски воспитни стилови:

Попустлив

Индиферентен

Авторитарен

Авториративен

 

ШТО ПОНАТАМУ? ШТО Е ДРУГО ВАЖНО ЗА РОДИТЕЛСКИТЕ ВОСПИТНИ СТИЛОВИ ?
Во семејство со двајца родители, тие може да практикуваат исти, слични или различни воспитни стилови. Пожелно е родителите да се согласни околу основните вредности на кои сакаат да го научат детето и да не го рушат авторитетот на другиот родител, кој мисли и постапува поинаку, особено пред детето. На овој начин ќе се усогласат воспитните стилови помеѓу родителите кон детето, бидејќи е многу важно родителите да упатуваат
идентични пораки кон детето за договорените семејни правила и граници.
Во многудетни семејства, понекогаш родителите не практикуваат ист родителски пристап кон сите свои
деца. Пожелно е родителите да негуваат ист воспитен стил, односно родителски пристап кон сите свои деца, но со почитување на индивидуалните потреби кои произлегуваат од различните развојни фази во кои се наоѓаат децата.
Негативниот, строг, авторитарен родителски стил може штетно, а во некои случаи и трајно да влијае врз развојот на детето. Но, и крајно попустливиот родителски стил може да значи дека детето нема да може добро да функционира како возрасен. Индиферентниот воспитен стил кај детето може да предизвика чувство на отфрленост, да не се оствари приврзаноста со родителите и да не чувствува припадност во семејството