Комуникација – зборови и реченици

Во оваа развојна фаза преку секојдневното живеење, комуникацијата помеѓу детето и родителот продолжува да се збогатува.Кај детето почнува да се развива говорот, тоа учи по пат на повторување, имитирање и водење од страна на возрасниот. Секојдневно се зголемува фондот на зборови, а до крајот на третата година детето ќе може да состави прости реченици.

Детето почнува да учи за самостојноста

Кога детето учи да го контролира движењето, всушност, учи и усовршува разни нови способности и вештини за движење. Детето на оваа возраст учи да скока, трча, турка, вози, фаќа и фрла. Сето ова го прави детето да биде посамостојно во извршувањето на повеќе работи. Тоа учи самостојно да се облекува, соблекува, да се храни и да пие, што го охрабрува да биде понезависно, со што детето сè повеќе сака само да извршува многу активности.

Насоки за родителот:

Вашето дете секое утро сака само да си ги облече чевличињата. И утрото, токму кога вашето возило не работи и вие доцните на работа, детето повторно сака само да се облече. Доцнењето ве прави нервозен, а детето е упорно и не ви дозволува да му помогнете.
Како родител, потребно е смирено, без викање и со смирен тон да му го одвлечете вниманието преку некоја друга активност или со играчкакоја му е омилена. Во иднина, при утринското подготвување, за да избегнете вакви незгодни ситуации, а со цел и понатаму да му овозможите на детето простор и време за да ја вежба својата самостојност, секогаш испланирајте дополнително време.

Запомнете:
Ваквото упорно однесување на детето и во специфични ситуации не е намерно и со цел да ве вознемири или налути.
Тоа само ја задоволува својата потреба за самостојност и едноставно сè уште не сфаќа како се чувствуваат другите луѓе.
Никогаш немојте да му викате или да го казнувате поради ваквото однесување. Вие како возрасно лице сте одговорен за организација на дневните активности во согласност со времето што е потребно за тие да се извршат, а во согласност со развојната потреба на детето за самостојност.

Вака подвижно, самостојно и охрабрено, детето е поотворено да комуницира со пошироката социјална средина. Социјалниот свет се проширува и надвор од границите на семејството, со соседите, се зголемуваат и се збогатуваат социјалните врски. Преку овие нови социјални контакти и релации, детето ја проверува, надополнува и надградува претходно изградената слика за себе. Истражувајќи го опкружувањето, детето почнува да го запознава и да станува свесно за сопственото тело.

Првото „не“ и што со него?

Во комуникацијата се јавува првото „не“ како израз и тестирање на независноста на детето од страна на тој што се грижи за него. Ова „не“ е сосема различно од она што детето го кажува како резултат на „протест“поради несигурната, нестабилна и лошо изградена врска со родителот.

Насоки за родителот:

Секојдневно, вашето дете, без разлика што ќе го замолите и што ќе му понудите или побарате, автоматски веднаш одговара со „НЕ“.
За вас како родителе потребно да останете смирени, веднаш да не реагирате бурно и да не се обидуватепреку наметнување или забрана да му покажете на детето кој е „главен“ и „шеф“ во семејството.
Притоа поефикасно би било:
да му понудите избор на детето, збор на кој нема да може да ви одговори со „да“ или „не“ (на пример: „Сакаш да ја облечеш белата или жолтата маица?“);
да му го привлечете вниманието со нешто поинтересно за него;
доколку е потребно да преземете нешто, направете го тоа без зборови (на пример: Ако детето држи запалка в раце и се обидува да ја запали, приближете му се и без да зборувате безбедно земете му ја. Откако ќе ја земете запалката, објаснете му кога и за што ја користите, колку е опасна и на кого од вашето семејство му е дозволено, кој може и знае да ја употребува).

Запомнете:
Со ваквото однесување, вашето дете нема намера да ве вознемири и/или налути.
Тоа понекогаш го употребува „не“ како интересен збор за комуникација, го користи како еден вид забава, дури и кога не го мисли тоа.
Од овие причини, по секое изговорено „не“ од страна на вашето дете, немојте релацијата со него да ја претворате во судир на моќ.
Преку ова магично зборче, детето се обидува и ги прави првите чекори на одвојување, осамостојување од вас или можеби вежба формирање на поинакво, сопствено мислење.
Никогаш немојте да му викате или да го казнувате, бидејќи секогаш на вашата добра волја и намера, тоа секогаш одговара со „не“. Разберете ја и прифатете ја потребата на детето за осамостојување, која е дел од процесот на негово успешно растење и созревање.
Почитувајте ги индивидуалното и посебното кај детето. Помогнете му, понудете му можност и обезбедете му сигурна средина на детето во која ќе го вежба своето „јас“.

Детето и стравот

На оваа возраст кај детето се јавува страв од конкретна работа, како што е страв од одвојување или од темница. Ова може да го загрижи родителот, всушност, стравот е одраз на поголемата зрелост кај детето. Тоа почнува подобро да го разбира светот околу себе, детето учи да ги увидува опасностите.
Детето почнува да ги препознава и разбира сопствените чувства. Но, сè уште не е зрело да ги разбере чувствата на другите. Затоа на детето секојдневно му се потребни охрабрување и поддршка од страна на родителот, што ќе му биде потврда дека е разбрано и заштитено и дека се почитуваат неговите чувства.

Насоки за родителот:

Вашето дете речиси секоја вечер се буди, плаче, се жали дека во собата има чудовиште и бара вие да спиете со него.
Како родител, немојте да го исмевате, осудувате, ниту пак ќе биде корисно ако се обидете преку објаснување да го намалите ваквиот нереален страв кај вашето дете.
Поради вашата возраст, искуство и зрелост вие знаете дека не постојат чудовишта. Но, вашето дете нема знаење и животно искуство, за него нештата што се производ на фантазијата и имагинацијата едноставно се жива реалност.
Затоа е потребно да го ислушате, да ви објасни како се чувствува, да ви објасни од што се плаши,за да можете да му помогнете да најде начин како да постапи во ситуации кога повторно ќе се уплаши или ќе биде доведено во ситуација на страв.

Запомнете:
Ваквото однесување на детето не е намерно и со цел да ве вознемири и/или налути. Никогаш немојте да му викате или да го казнувате.
Потребно е да го разубедите, заштитите, да му помогнете да го разбере сопствениот страв, да му покажете како да го надмине и како да се заштити од ситуации кои можат да го вознемират.
Доколку сте уморен и ненаспан од честиот прекин на вашиот сон, порадиноќните стравови на вашето дете, побарајте помош од партнерот, член од семејството, пријател и сл.

Играта и нејзината моќ

Иако вниманието сè уште е краткотрајно, со мал опсег, сепак тоа постепено се зголемува. Главна активност и преокупација на детето е играта.
Низ секојдневните активности и игри, детето има можност да учи за причинско-последичните врски, со што стекнува знаење за значењето на поимите правилно или погрешно, добро или лошо.
Преку играта, детето сè повеќе го запознава светот околу себе, ги тестира семејната сигурност и безбедност, како и границитепоставени од оној што се грижи за него.
Разбирајќи ги причинско-последичните врски и низ игра, детето е подготвено и почнува да стекнува навика за одржување на личната хигиена, односно воспоставува контрола врз уринирањето и дефекацијата, што ќе му помогне да се ослободи од пелените.
Родителот може да ја искористи играта за да го научи детето на многу посакувани нешта.

Насоки за родителот:

Вашето дете секоја вечер одбива да ги измие забите.
Вие како родител повеќепати сте му објасниле за штетноста од немиењето на забите, но повеќе немате трпение. Нервозни сте, ви доаѓа да му викнете, да му се заканите дека ќе биде казнето или да го заплашите дека сите заби ќе му поцрнат, а другарчињата ќе му се потсмеваат за таквите заби.
Напротив, пристапете смирено и преку игра можете да му помогнете на вашето дете во стекнување на навиката за миење заби.
Во текот на денот или пред спиење, понудете му на детето да ја играте играта во која тоа ќе ја подготвува омилената играчка за спиење, од облекување на пижами, одење во тоалет, до миење раце, лице и заби. Обрнете поголемо внимание на миењето заби, давајќи кратки информации за потребата од чисти и здрави заби.
Потоа побарајте од детето да се погрижи за себе, како што тоа го правело за омилената играчка. И кога некогаш ќе прескокне или заборави да ги измие забите, потсетете го на играта што ја игравте.

Запомнете:
Ваквото однесување на детето не е намерно, со цел да ве вознемири и/или налути.
Детето едноставно стекнува навики за кои се потребни време и трпеливост од страна на родителот.
Никогаш немојте да му викате или да го казнувате. Потребно е да покажете разбирање за пропустите и грешките, како и истрајност и упорност при стекнување на навики кај вашето дете.

Поради поголемата будност и љубопитност на детето, сè повеќе се кристализираат стратегиите кои родителот ги употребува за да го научи детето да ги почитува правилата и границите. Се дефинираат воспитувањето и воспитниот стил на родителот, кој зависи и од темпераментот на детето. Поточно, зависи од осетливоста на родителот соодветно да одговори на темпераментот на детето, како и од сличноста на нивните темпераменти.