Програмата „Фер родител – фер дете“  е корисен и практичен пристап кон грижа, раст и развој на детето, а се фокусира на користење позитивни методи за градење на релацијата родител – дете. Се базира врз дадените препораки во Светскиот извештај за насилство врз децата на Обединетите нации од 2006 година, за намалување на насилството врз децата во нивните семејства, а тоа се:

промена на културолошката практика која придонесува за зголемување на насилството врз децата, вклучувајќи и забрана на физичката казна;
промовирање ненасилна комуникација и релации со детето;
усовршување на вештините на родителите за користење на ненасилна дисциплина на децата;
почитување на детската личност, правата и развојните потреби;
подигнување на свеста на населението за правата на децата.

Програмата е дизајнирана да му даде практични совети на родителот како соодветно да одговори на бихејвиоралните и емоционалните потреби на детето од неговото раѓање до периодот на адолесценција, како и адекватно да одговори на секојдневните предизвици. Воедно, програмата дава информации и совет на родителот за полесно остварување на родителската улога, афирмација и сигурност во своите родителски постапки и методи, развивање самосвест, самодоверба и надградување на родителските капацитети за поддршка и воспитување на детето.
Програмата „Фер родител – фер дете“, во поширок општествен контекст, има за цел да даде поддршка на семејството од страна на општеството, зајакнати капацитети на родителите за грижа на своите деца и остварување на нивната благосостојба како врвен приоритет.
Покрај програмата е изработен и прирачник за позитивно родителство „Фер родител – фер дете“ кој е корисна алатка и водич за адекватно родителство како стил и начин на живот, кој содржи насоки за остварување на долгорочни цели, но и примери што може да му помогнат на родителот во надминување на конкретни ситуации. Прирачникот има едукативна и поддржувачка улога, бидејќи, пред сè, му дава информација на родителот како расте и се развива детето и кои се неговите потреби. Му дава совет како преку принципите на позитивното родителство да се соочи и адекватно да одговори на секојдневните предизвици, како и насоки за постигнување на долгорочни цели во однос на правилен и позитивен развој на детето.

Линк до програмата.