Целта на содржината на прирачникот „Фер родител – фер дете“ е да им помогне на возрасните подобро да ги разберат важноста и улогата на родителството во услови на современото живеење. Се посветува внимание на квалитетот на процесот на растење и развивање на детето и условите за остварување на детските права, што придонесува за заштита на детето од занемарување и злоупотреба. Целта на прирачникот е:
родителите да стекнат знаења за можностите, потребите и спецификите на детето низ развојните фази во процесот на растење и развивање;
да се стекнат со знаења и да развијат вештини за позитивно родителство преку концептот и принципите за позитивното родителство;
да се подобрат вештините и стручните компетенции на професионалците за работа со родители или старатели на кои им се потребни помош и поддршка во процесот на воспитување на децата.
Прирачникот е конципиран во неколку дела и претставува спој на психолошката и педагошката теорија и концепти, но ги вклучува и родителската практика и искуства од секојдневната интеракција со децата. Содржините се лесно применливи, со конкретни примери кои му се обраќаат директно на родителот, преку кои се усвојуваат родителските вештини. Родителот може да биде флексибилен во однос на примена на содржината и своите постапки да ги адаптира во согласност со ситуацијата и индивидуалните карактеристики на секое дете, при што е важно да се следат принципите и насоките на позитивното родителство.
Прирачникотможе да го користат поединци и групи, со цел да се решаваат одредени проблеми или да се поттикне дискусија за семејството и родителството.
Прирачникот за позитивно родителство дава примери на нов пристап во родителството, кои може да се применат на слични или поинакви проблеми и ситуации од овде понудените. Секако дека не може да се прави пресликување и да се очекува дека решението ќе важи за секое дете, во секое време и во секоја ситуација. Решавањето на проблемот е цел на родителот, а начинот на остварување на целта може да бара поголемо трпение, вложување, поголема креативност од родителот, но и да зависи од индивидуалните особености на секое дете.
Како дополнување на содржината на прирачникот, изготвени се илустративни материјали, три сликовници и два стрипа за деца, како и краток водич за позитивно родителство наменетза родителите.