Зошто детето постојано нешто прашува?

На оваа возраст, детето продолжува преку љубопитноста да го запознава светот околу себе. Сака сè да знае, постојано поставува прашања и станува свесно дека може сè да научи.
Кога детето постојано поставува прашања или постојано повторува едно исто прашање, тоа не го прави намерно, со цел да го вознемири или налути родителот. Едноставно учи за светот и го повторува, односно го проверува наученото.
Родителот понекогаш се заморува од овие прашања или нема одговор на нив, но и во вакви ситуации е потребно родителот со почит да му одговори на детето. На ваков начин, родителот ја почитува љубопитноста на детето, ја одобрува неговата потреба да учи, го поттикнува на учење и му покажува дека го почитува неговото мислење.

Учење правила

Понекогаш детето сака да учи за работи кои се опасни за него, како на пример: да ракува со запалка, да скокне од висока лизгалка и сл. Во вакви ситуации, родителот треба да ја преземе контролата, а ова се и првите чекори кога детето учи за правилата.
Кога родителот го учи детето на правила, потребно е да му ги објасни причините за поставената граница, односно правило. На ваков начин, детето ќе ги разбере причините поради кои е поставено правилото, со што се зголемува веројатноста тоа и да го почитува.
Потребно е да се потенцира дека родителот не само што дава информации, воспоставува граници и правила, туку воедно е и моделот што детето го имитира. Родителот полесно ќе го научи детето на посакуваното однесување доколку го поткрепи со личен пример.

Насоки за родителот:

Учителката од градинка ве информира дека вашето дете во играта со другарчињата, кога треба да сподели некоја играчка, често се кара со нив, а кога не е по негово, дури и ги удира.
Вие како родител,дома постојано го учите дететодека доколку не се согласува со другарчињата, не е фер да се кара и да ги удира. Постојано го учите дека треба да се договара. Сепак, ваквото однесување на детето продолжува и нема никаква промена кај него.
Во ваква ситуација, размислете колку вие или некој во најблиското опкружување на детето применува ваков начин на разрешување конфликти/недоразбирања. Дали вие или некој друг, кога не се согласува со соговорникот, го повишува тонот на гласот и почнува да вика во намера да го убеди?
Дали можеби вие или некој друг му се развикува или го казнува детето секогаш кога тоа се однесува несоодветно и непосакувано?
За промена на непосакуваното однесување на детето, покрај зборовите и објаснувањата, поголем ефект ќе биде постигнат доколку лично секојдневно, постојано и во секоја прилика го практикувате посакуваното однесување.

Запомнете:
Доколку во семејната комуникација се употребуваат навреди и/или физички казнувања, детето го усвојува овој модел на комуникација и го применува надвор од семејната средина.
За секоја особина што не ви се допаѓа кај вашето дете, никогаш немојте да му викате или да го удирате. Запрашајте се дали вие или можеби некој во неговото опкружување ја поседува неа. Поважен е начинот на кој вие се однесувате, отколку тоа за што вербално се залагате или на што го учите вашето дете.
Пофалете го детето за секое посакувано однесување или посакуваната карактерна особина, но најважно е тоа да го поткрепите со личен пример.

Играта е сè уште доминантна и важна за детето

Играта продолжува да претставува најглавна преокупација на детето. Преку играта, детето тестира многу ситуации и игра разни улоги што ги гледа кај возрасните.
Играњето разни улоги родителот може да го искористи за да го подучува детето на разни животни вештини. Преку играта родителот му дава можност на детето да ги тестира и развие своите способности, го осамостојува и му дава „дозвола“ да стане независно.
Низ играта детето ја развива фантазијата, експериментира, открива како функционираат работите, решава разни проблеми и бара нови одговори. Со играта се развива и мозокот на детето, па затоа е потребно родителот да му обезбеди време и простор за игра.
При ова учење, очекувано е детето да греши, со грешки кои не се намерни и кои едноставно се резултат на неговото неискуство и незрелост.

Насоки за родителот:

Вашето дете за време на оброците упорно настојува и бара да ви помага при поставување на масата, а вие му дозволувате и го подучувате во тоа.
За семејната слава, обично колачот го послужувате во специјална чинија. Чинијата ви е особено омилена, бидејќи ви е подарок од вашата сега веќе почината мајка. И за славата му дозволувате на вашето дете да ви помогне, но не му давате да ракува со омиленатачинија. Некако незабележливо, детето ја зема чинијата, која му се лизнува од раце, паѓа на земја и се крши.
Случката многу ве вознемирува, особено што повеќепати сте му повториле на детето дека не смее да ја допира чинијата.
Вие како родител е потребно да останете мирен, присебен, да пријдете смирено и заедно со детето безбедно да ги соберете искршените парчиња од чинијата.
Потоа објаснете му на детето дека некои работи кога паѓаат може да се оштетат, а вие тоа не го сакате. Покажете му околу кои работи може да ви помогне при поставување на масата за време на оброците.
Потребно е вашите омилени предмети да ги ставите на безбедно место, каде што детето не ќе може да ги дофати и само да ги земе.

Запомнете:
Детето упорно сака да се вклучи во некоја секојдневна семејна активност, бидејќи има потреба да ја задоволи потребата за развивање на разни вештини, способности и осамостојување.
Грешките што ги прави детето не се намерни, со цел да ве повреди и налути, тоа едноставно нема доволно искуство и знаење.
Никогаш немојте да му викате или да го казнувате поради грешката. Родителот е одговорен за обезбедување на сигурна средина во која детето ќе може да развива вештини низ разни активности.
Родителот ги поставува правилата и границите и му дава помош и поддршка на детето при неговото осамостојување.

Детето ја зголемува комуникацијата и расте бројот на социјалните контакти

Не е доволно само детето да биде нахрането и здраво, потребно е зголемување на контактите со пошироката социјална средина. Важен фактор во раниот детски развој се искуствата што детето ќе ги стекне во семејството и пошироката социјална средина. Овие искуства помагаат во развојот на интелигенцијата, личноста и социјалните контакти на детето со околината. Од голема важност е вклучување на детето во предучилишна установа или друга организирана форма, како што е центарот за ран детски развој3, со што ќе му се даде можност да расте и да се развива според своите индивидуални потреби и можности.
Преку играта се зголемува бројот на социјалните контакти и релации надвор од семејството. Се зголемува нивото на социјализација, бидејќи во играта се вклучуваат и други актери, други деца. Детето учи за правилата, функционирањето и решавањето на проблемите во групата, односно учи и станува свесно за емоциите на другите, ја развива емпатијата и учи да споделува.

Насоки за родителот

Кога бои во боенката, вашето дете не сака боичките да ги споделува со никого. Кога неговото братче ќе му земе боичка, тоа почнува да вика и веднаш му ја граба назад.
Потребно е вие како родител смирено да му пристапите, со смирен тон и одлучно да ја земете боичката „проблем“.
Предложете боичката да ја ставите на безбедно место и на детето дајте му ограничено време за да се договори со братчето како и на кој начин ќе ја споделуваат. Кога ќе помине времето определено за договарање, побарајте од детето да ве информира за правилото за споделување.
Доколку во определеното време детето не успее да постигне договор, помогнете му со тоа што ќе предложите неколку решенија за кои тоа ќе се договори со брат му, а потоа заедно ќе го одберат најдоброто за нив.

Запомнете:
Непосакуваното однесување кај вашето дете не е намерно, со цел да ве повреди или налути.
Детето нема искуство и знаење, тоа само почнува да учи нови правила во нови социјални релации, учи да споделува, учи за емпатијата. За совладување на новите вештини, на детето му е потребно време, но и водство од родителот.

Поради зголемениот и збогатен број социјални контакти, вештината за комуникација кај детето се подобрува и речникот се збогатува. Истражувајќи, детето станува сè повеќе свесно за своето тело, за разликите што постојат помеѓу половите и за тоа изразува љубопитност.