Оваа развојна фаза се однесува на првите осумнаесет месеци од животот на детето, кои најмногу се посветени на физичките и моторните способности.

 

 

 

 

 

 

Преку нив индиректно се поставува основата на неговиот интелектуален, емоционален и социјален раст и развој.
Битни фактори што влијаат во оваа развојна фаза се:
исхраната;
здравјето;
учењето за хигиената на телото;
сензомоторната интелигенција – се развива преку дразби кои ги поттикнуваат сетилата за вид, слух, мирис, вкус и допир, како и со употреба на различна група мускули преку движење на рацете и нозете, а која е зачеток на интелектуалниот развој;
социјалниот систем во кој расте детето (релацијата со родителот, пред сè, со оној што се грижи за него).
За задоволување на потребата од храна, најодговорен е родителот, пред сè, навреме да обезбеди адекватна и избалансирана храна, како и за начинот на хранење на детето. Родителот е задолжен да создаде услови за чиста, здрава и безбедна околина, истовремено поттикнувачка за сетилата на детето. Преку стимулација и игра ќе ја поттикне и развие неговата сензомоторна интелигенција.
Во оваа фаза е значајно да се воспостави ритамот на одмор и сон, како и навременото и адекватно одржување и навикнување на хигиена.

Кога и зошто бебето плаче?

За овој развоен период, плачењето на бебето е природна и нормална појава. Плачот на бебето е првиот начин на комуникација со родителот.
Тоа не знае ниту еден збор, а кога плаче му испраќа порака на родителот. Со плачењето сака да му каже на родителот дека има потреба од нешто, односно дека некоја негова потреба не е задоволена. Во овој развоен период детето може многу лесно да биде уплашено од разни дразби што доаѓаат од опкружувањето. Единствен вроден страв е стравот од јак звук и од поместување на подлогата врз која детето лежи/стои, додека сите други стравови се научени.
Како родителот ќе одговори на плачот на детето, така тоа ќе почне да учи и што може да очекува од оној што се грижи за него. Учи дали ќе биде слушнато и дали ќе му биде задоволена потребата или не.
Од тоа како родителот ќе реагира, така детето учи за квалитетот на нивната комуникација. Односно, учи каква е врската што ја остварува со возрасниот – дали е блиска и негувачка или е дистанцирана и занемарувачка.
Во ситуации кога бебето е вознемирено од разни причини, тоа има потреба родителот да го земе и да го држи во раце, да го милува и да му даде топлина. Така тоа ќе се смири, а родителот ќе му покаже дека е безбедно и сигурно. На овој начин, кај бебето се намалува чувството на непријатност, почнува да се чувствува сигурно, прифатено и безбедно, а родителот индиректно почнува да го подготвува да не се плаши кога ќе треба во иднина да учи нови работи.

Насоки за родителот:

Вашето бебе повремено се буди навечер, плаче и подолг временски период не се смирува.
Вие сте многу уморен, сакате барем една ноќ да спиете без прекин.
Останете смирен и почнете постапно да проверувате која потреба не му е задоволена. Проверете дали е можеби: гладно, жедно, болно, мокро, уплашено и сл.
Со задоволување на потребата, детето ќе престане да плаче.

Запомнете:
Бебето не плаче намерно, со цел да ве вознемири или налути.
Тоа има некоја своја незадоволена потреба, едноставно само инстинктивно реагира на единствениот начин познат за него.
За да му покажете на бебето дека треба да престане да плаче навечер, никогаш немојте да го тресете или удирате. Удирањето и тресењето можеби моментно ќе го одложат плачењето. Но, нема да ја задоволат неговата потреба и за кратко време тоа повторно ќе продолжи да плаче. Тресењето и удирањето единствено можат да ги повредат телото и мозокот на детето и трајно да ги оштетат.
Доколку сте преморени и нервозни, побарајте помош од партнерот, член од семејството, пријател и сл., кој ќе ве замени во вакви ситуации.

Приврзаност

Реакциите се основа врз која се градат социо-емоционалните врски на детето со родителот, а како резултат на тоа се јавува приврзаноста.
Приврзаноста потекнува од вродениот инстинкт на детето да му сигнализира на родителот да биде во негова близина, поради чувството на безбедност и заштитеност. Приврзаноста се развива секојдневно преку задоволување на основните потреби на детето за храна, вода, сон, допир, нежност и сл., преку таканаречениот „круг на возбуда и опуштање“.
Секоја незадоволена потреба го прави бебето да се чувствува возбудено, вознемирено и напнато. Тоа на разни начини го привлекува вниманието на родителот и му дава до знаење дека е незадоволно. Кога родителот ќе ја задоволи потребата на бебето, кај него престанува напнатоста, исчезнува незадоволството и тоа се опушта. На овој начин, родителот гради трајна врска со детето, која го прави да се чувствува безбедно и сигурно, дури и во ситуации кога фигурата на приврзаност не е во близина.
Секојдневното повторување на ваквиот начин на задоволување на потребите е еден вид учење. Детето учи како да ги регулира напнатоста и стресот, учи да ѝ верува на околината, учи како да ги искажува своите потреби. На овој начин, на детето му се дава потврда дека е безбедно, заштитено и дека може да го истражува светот. Оваа приврзаност е основа за градење на понатамошните релации на детето како со родителот, така и со другите возрасни лица.
Во зависност од тоа на каков начин и колку квалитетна е приврзаноста, какво и колкаво е чувството на безбедност и заштитеност кај детето, во толкава мера кај него ќе се јави и отпорот кон разделби, страв од непознато и сл.

Детето почнува да истражува и учи

На оваа возраст детето учи како да ги користи мускулите, учи да џвака и ги вежба мускулите кои понатаму ќе му бидат потребни за да се развие говорот, ги дофаќа предметите, учи да ползи, чекори и оди.
На оваа возраст детето бара да ги допира предметите што го опкружуваат, а тие што ги држи во раце многу често ги става во уста. Кога детето става предмети во уста, дури и кога тие се опасни за неговото здравје, тоа нема намера да биде „лошо“, „непослушно“ и да го нервира родителот. Бидејќи нема искуство со опасностите, тоа нема и знаење за штетноста на некои предмети и активности.
Едноставно преку допирање и ставање на предмети во уста, детето ги задоволува својот инстинкт и потреба за запознавање на светот што го опкружува.
Затоа родителот е задолжен да му обезбеди на детето сигурна средина за живеење, преку организација на просторот во кој живее.